Во периодот 11–13 септември 2026 година, во Охрид, се одржа Меѓународната научна конференција, во рамки на проектот„Иновативно-научни решенија за сузбивање на социјалната нееднаквост и сивата економија во Република Северна Македонија преку даночната регулатива“, финансиран од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
Конференцијата се одржа во формат на тркалезна маса, на која беа презентирани досегашната работа и резултатите од истражувањата, како и предлозите на истражувачкиот тим во состав: проф. Александар Стојков, проф. Александра Максимовска Стојкова, проф. Јован Зафироски, проф. Елена Нешовска Ќосева, доц. Константин Битраков и м-р Ана Марија Михаилова, докторанд.
Во дискусијата учествуваа еминентни професори и академски истражувачи од областа на даночното право и економските науки од Чешка, Полска, Словачка, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, како и од повеќе универзитети во Република Северна Македонија.
Особена благодарност упатуваме до директорката на Управата за јавни приходи за нејзиното активно учество и значајниот придонес во дискусијата.
Конференцијата претставуваше можност за презентирање и критичко преиспитување на резултатите од едногодишната истражувачка работа, како и за размена на знаења и искуства со домашни и меѓународни експерти. Заклучоците и препораките произлезени од дискусијата ќе бидат проследени до македонските креатори на политики, како придонес кон идното унапредување на даночната регулатива.
Со оваа Конференција се заокружи значаен период на научно истражување, меѓународна размена и соработка, насочен кон изнаоѓање иновативни и одржливи решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија преку подобрување на даночната регулатива.
Им благодариме на сите учесници и соработници кои со своето знаење, присуство и активен придонес ја збогатија Конференцијата и придонесоа таа да биде достоен настан на проектот.
Тим од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје – проф. д-р Александра Максимовска Стојкова, проф. д-р Александар Стојков, проф. д-р Јован Зафироски…